Şerife Çetin
28 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ЛУКСЕМБУРГ (АА) - Властите на Луксембург го отповикаа амбасадорот на оваа земја од Москва во знак на солидарност со Велика Британија, која официјална Москва ја товари за неодамнешното труење на поранешниот руски агент и неговата ќерка на јужниот дел на Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни и европски работи на Луксембург соопшти дека Владата на оваа земја донела одлука да се придружи на синхронизираната дипломатска кампања против Русија.
Поранешниот руски агент, 66-годишниот, Сергеј Скрипал, и неговата 33-годишна ќерка Јулија, неодамна во англискиот град Сaлсбери беа пронајдени во бессознание и беа згрижени во болница. Велика Британија ја обвини Русија за труење на Скрипал, што рускиот претседател Владимир Путин категорично го негираше.
Официјален Лондон тврди дека нападот е извршен со употреба на нервниот отров „Новичок“, кој Советските сили го користеле во Втората светска војна.
САД по скандалот протераа вкупно 60 руски дипломати и наредија затворање на рускиот Конзулат во Сиетл. Австралија, исто така, протера двајца руски дипломати.
Вкупно 19 членки на ЕУ донесоа одлука за протерување на руските дипломати и солидаризирање со Велика Британија. Белгија, Молдавија и Ирска се земјите кои меѓу последните го сторија овој чекор.
И НАТО вчера поништи акредитации на седум руски дипломати и го одби барањето за издавање акредитации на тројца нови претставници на Москва.
Вкупно 27 земји во светот досега депортираа вкупно 144 руски дипломати.
Осум членки на ЕУ не презедоа дипломатски санкции кон Русија, а тоа се Австрија, Бугарија, Кипар, Грција, Малта, Португалија, Словачка и Словенија.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера изјави дека овој координиран случај покажува дека е многу мал бројот на независни земји во модерна Европа, но и во светот, и порача дека Русија со сигурност адекватно ќе одговори на тоа.
„Многу земји бараат заминување на еден или на двајца од нашите дипломати, а со шепот ни се извинуваат. Свесни сме дека тоа е плод на колосален притисок и уцени кои станаа главно оружје на Вашингтон во меѓународните односи“, порача Лавров.