Emre Aytekin
11 Декември 2020•Ажурирај: 13 Декември 2020
АНКАРА (АА) – Американскиот неделен магазин „Тајм“ (Time), на традиционалната анкета, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис ги избра за личности на годината, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Едвард Фелсентал, главниот уредник на „Тајм“, соопшти дека Бајден и Харис „ја заслужија оваа чест бидејќи го сменија текот на американската историја покажувајќи дека силите на емпатијата во општеството се посилни од гневот што разединува, споделувајќи ја својата визија за заздравување на светот кој тагува“.
Истакнувајќи дека секој избран претседател на САД, уште од Франклин Д. Рузвелт во неговиот мандат е избран за „Личност на годината“, уредникот Фелсентал рече дека ова е првпат да биде додаден потпретседателот.
Меѓу кандидатите за „Личност на годината“ се наоѓаа и претседателот Доналд Трамп, здравствени работници кои се борат против епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести, д-р Ентони Фаучи и Антирасистичкото движење.
„Тајм“ го прогласи јужнокорејскиот поп-бенд „BTS“ за „Уметник на годината“ и кошаркарот Леброн Џејмс, кој игра за Лос Анџелес Лејкерс, за „Спортист на годината“.