Sinan Doğan
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, порача дека проблемот со снабдувањето со електрична енергија, со кој се соочува оваа земја, ќе биде решен во следните неколку часа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Најмалку 22 покраини, вклучувајќи го и главниот град на Венецуела, Каракас, веќе три дена се без напојување со електрична енергија.
Мадуро изјави дека во тек се активностите за решавање на проблемот поради кој еден дел од земјата е во мрак од почетокот на неделата.
Тој претходно најави формирање на специјална комисија за спроведување истрага за саботажите кои на почетокот на март доведоа до прекин на напојувањето со електрична енергија во 22 од вкупно 23 покраини во таа јужноамериканска земја.
Мадуро најави дека денеска и утре, поради проблемите со снабдувањето со електрична енергија, нема да работат фирмите и училиштата. Од граѓаните побара смиреност и разбирање.
Поради дефект во хидроцентралата „Гури“, која со електрична енергија го снабдува поголемиот дел од Венецуела, дојде до прекин на струјата во 22 покраини.
Од националната компанија за електростопанство „Корпоелек“ тврдат дека станува збор за саботажа. И Мадуро за овој проблем во земјата ги обвинува американските власти. Неговата влада тврди дека е извршен напад во хидроцентралата и дека тоа е причината за прекинот на електричната енергија.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат на функцијата претседател по изборите кои беа бојкотирани од опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија кога лидерот на опозицијата, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за привремен шеф на државата, потег кој беше поддржан од САД и од многу европски и латиноамерикански земји. Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат венецуелскиот претседател Мадуро.