Yusuf Özcan
28 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
СТРАЗБУР (АА) - Европскиот парламент (ЕП) повика на „слободни, транспарентни и безбедни“ избори во Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
На Генералното собрание на Европскиот парламент одржано во Стразбур, со 310 гласа „за“, 150 „воздржани“ и 120 гласа „против“, се изгласа Резолуцијата во која се повикува во Венецуела да се одржат „слободни, транспарентни и безбедни“ избори.
Во Резолуцијата исто така се наведува дека во Венецуела има недостиг на лекови и храна, се кршат човековите права, има прекумерна инфлација и дека се врши политички притисок и насилство врз граѓаните.
Европскиот парламент во Резолуцијата исто така ја повтори поддршката за претседателот на Националното собрание, Хуан Гваидо, кој се прогласи за привремен претседател на државата.
Се повикуваат земјите членки на Европската Унија (ЕУ), кои сѐ уште не го признале Гваидо, тоа да го сторат без одложување, додека од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, се бара „да стави крај на притисокот врз новинарите, политичарите и врз оние во тимот на Гваидо“.
Во Резолуцијата се повикува ЕУ да воведе забрана за виза на лицата и нивните блиски одговорни за кршење на човековите права во Венецуела и да им се заплени имотот што го имаат надвор од земјата. Исто така, во Резолуцијата се наведува дека кризата во Венецуела треба да се реши по мирен пат, не со воена интервенција.
Претседателот на Националниот парламент на Венецуела, Хуан Гваидо, на митингот на опозицијата се прогласи „за привремен претседател“ на Венецуела. По прогласувањето на чело со САД, него го признаа и Австралија, Канада, Колумбија, Перу, Еквадор, Парагвај, Бразил, Чиле, Панама, Аргентина, Костарика и Гватемала. Како последно, Гваидо е признат за претседател и од Европскиот парламент (ЕП).
Од друга страна, Мексико, Турција, Русија, Иран, Куба, Кина и Боливија ја повторија поддршката за претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. По настаните Мадуро ги прекина дипломатските и политичките односи со САД, но најави дека трговските односи ќе продолжат.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека испраќањето војници во Венецуела е „една од опциите“.