Faisal Mahmud
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Малезискиот премиер Анвар Ибрахим денес го осуди објавувањето тендери од страна на Израел за проектот за изградба на комлекс од нелегални станбени единици Е1 на окупираниот Западен Брег, предупредувајќи ги меѓународните компании да не учествуваат во проектот, јавува Анадолу.
„Безрезервно ја осудувам одлуката на израелскиот режим да објави тендери за изградба за комплексот од станбени единици Е1“, изјави Анвар во објавата на американската платформа за социјални медиуми Х.
Тој истакна дека земјиштето источно од Ерусалим долго време е од клучно значење за одржливоста на палестинската држава, предупредувајќи дека изградбата таму би го поделила окупираниот Западен Брег и сериозно би ги намалила шансите за создавање територијално поврзана палестинска држава.
Во вторникот израелските организации за човекови права „Ир Амим“, „Бимком“ и „Мир сега“ соопштија дека Израел објавил тендер за 1.234 станбени единици во рамките на проектот без да ги извести подносителите на тужбата што го оспоруваат проектот и покрај претходната обврска однапред да бидат известени.
Планот Е1 има цел да ја поврзе нелегалната населба Маале Адумим со окупираниот Источен Ерусалим преку израелско градење на палестинско земјиште и опфаќа околу 3.400 станбени единици.
Критичарите во многу земји велат дека проектот, со делењето на Западниот Брег, би го направил невозможно решението за две држави.
Анвар нагласи дека израелските населби на окупираниот Западен Брег се нелегални според меѓународното право и го обвини Израел дека продолжува со изградба на овие нелегални населби со „целосна неказнивост“.
Тој изјави дека најновата одлука доаѓа во услови на невидено насилство од страна на окупаторот врз палестинските цивили на Западниот Брег и тековниот израелски геноцид во Газа.
„Потегот покажува дека Израел се откажал „дури и од преправањето дека бара мир или дека ја почитува волјата на меѓународната заедница“, додаде тој.
Анвар ја потврди поддршката на Малезија за палестинскиот народ и неговото „неотуѓиво право на суверена, одржлива, територијално поврзана и независна палестинска држава“.
Исто така, тој упати предупредување до компаниите што размислуваат да учествуваат во тендерите.
„Малезија внимателно ќе ја следи секоја меѓународна компанија што ќе одлучи да учествува на овие тендери и ќе постапи соодветно“, изјави тој.