Amina Zorniç
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ПАРИЗ (АА) - Лидерката на француската десничарска партија Национален фронт, Марин Ле Пен, денес повика да се прекине бесплатното образование за децата странци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ле Пен денес во Париз изјави дека нема ништо против странците.
„Сакам да им порачам: ако дојдете во нашата земја, не очекувајте да се грижиме за вас, вашите деца да се образуваат без надомест. Нема веќе време за игра, изјави Ле Пен, чија изјава беше пренесена од „Би-би-си“.
Ле Пен од радикалната десница е кандидат за претседател на Франција на изборите во мај следната година.
Се верува дека главен фаворит на изборите ќе бидат кандидатите на десницата и на крајната десница - Франсоа Филон и Ле Пен.
Инаку, партијата Национален фронт во земјата е позната по антиисламските ставови и ставовите за неприфаќање на бегалците.
Ле Пен во својот политички говор во 2012 година ги спореди муслиманите кои се молат на улица со нацистичката окупација на Франција за време на Втората светска војна.
Откако во јавноста беше обвинета за дискриминација и за поттикнување омраза, Ле Пен изјави дека само го кажала тоа што сите Французи го мислат.
Поради овие коментари за муслиманите, на Ле Пен и беше одземен имунитетот на пратеник во Европскиот парламент, а заврши и на суд.
Во екот на мигрантската криза што ја погодува Европа, популарноста на Ле Пен во Франција сѐ повеќе расте.