Şenhan Bolelli
01 Април 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
МАДРИД (АА) – Помошта на Турција, која ја испрати до Шпанија, која е една од најпогодените земји од новиот вид коронавирус, Ковид-19, пристигна во Мадрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
Воениот товарен авион од типот А400М на Турските воздушни сили, во попладневните часови слета на воздухопловната база „Торехон де Ардос“ во Мадрид.
Амбасадорот на Турција во Мадрид, Џихад Ергинај, кој ја координираше испораката до шпанските власти, во изјавата за АА рече дека е многу задоволен од тоа што Турција подаде рака на Шпанија.
Ергинај наведе дека материјалите испратени во Шпанија со инструкциите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со координација на Министерството за национална одбрана, се важни.
„Шпанија е пријателска земја со која имаме блиски односи. Наш многу лојален сојузник. Затоа, како Турција и како турски народ сме многу среќни што ѝ помагаме на Шпанија. Пристигнувањето на оваа помош е многу важно и за шпанскиот народ. Во сите пораки што ги добивме се нагласува значењето на оваа драгоцена помош и се упатува благодарност до Турција“, нагласи амбасадорот Ергинај.
Наведувајќи дека епидемијата на Ковид-19 во Шпанија е во многу сериозни размери, Ергинај рече: „Бројот на смртни случаи и заболени е со растечки тренд. Секако, се посакува оваа состојба да се контролира што е можно поскоро.“
Од друга страна, началникот на Генералштабот на Шпанија, Мигуел Ангел Вилароја, на прес-конференцијата на која се соопштуваат податоците за последната состојба со Ковид-19, истакна дека денеска од Турција и од Кина се стигнати медицински материјали и дека како Шпанија упатуваат благодарност до Турција, која е сојузник во НАТО.
Шпанскиот началник на Генералштабот, во пораката објавена на социјалните медиуми им се заблагодари на Турција и на другите НАТО-сојузници за поддршката.
Турција во Шпанија испрати 250.000 маски за лице, 20.000 анатомски маски, 750 заштитни очила, 2.000 парчиња заштитна облека, 5 тони медицинска опрема, вклучувајќи ги 1.000 литри антибактериска течност кои се произведени во локалните и националните капацитети.
На испратените пакети на шпански и италијански јазик беа испишани зборовите на поетот Мевљана Руми: „По безнадежноста има многу надежи. По темнината има многу сонца“ и пораката „На шпанскиот народ, со љубов од Турција“.