Enes Kaplan
01 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
МЕКА (АА) - Стотици илјади верници, кои дојдоа од различни делови на светот во Саудиска Арабија за да го извршат аџилакот, петтата света исламска должност, клањаа џума намаз, муслиманската молитва во петок, во месџид „Ал Харам“ или Света џамија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Муслиманите кои пристигнаа во Саудиска Арабија од целиот свет за да го извршат аџилакот, денеска извршија молитва во Мека. Илјадници идни аџии направија обиколка и се молеа во Ќаба, централното светилиште на исламот.
Хутбето го одржа имамот на Ќаба.
Аџии од целиот свет пристигнаа во Мека за да го извршат аџилакот. По две години од пандемијата, поради која аџилакот беше ограничен само на жителите на Саудиска Арабија, месџид „Ал Харам“, позната и како Света џамија или Голема џамија во Мека, која го претставува центарот на муслиманскиот свет и место околу кое муслиманите се вртат петпати на ден за време на молитвата, повторно е место каде што се собраа многу верници.
Саудиска Арабија објави дека оваа година на аџилакот ќе бидат примени вкупно еден милион посетители од земјата и странство. Обредите на аџилакот оваа година можат да ги вршат лица помлади од 65 години, кои ги примиле основните дози од вакцината против Ковид-19.
Денот на Арефат е во петок, 8 јули. Деветтиот ден од последниот месец од хиџретскиот календар е познат како Џевму'л-арефа (Ден на Арефат). Арефат е рид на околу 15 километри од Мека, а престојот на Арефат е обврска на секој аџија, составен дел од ритуалот на аџилакот. Сите аџии на 9. Зул-Хиџат, ден пред Курбан бајрам, се собираат на ова место.
Курбан или Хаџи бајрам, во текот на кој е потребно да се заколе курбан и тој да се дели на сиромашните, пријателите и соседите, трае четири дена, а годинава почнува во сабота на 9 јули.