Hakan Çopur
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека во нејзината земја и во Европа е во пораст екстремната десница, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Особено во Германија нив (екстремните десничари) треба да ги гледаме во контекст на сопствената историја, затоа ние треба да бидеме повеќе будни од сите други“, изјави Меркел во изјавата за американската телевизија „Си-ен-ен“, оценувајќи го порастот на екстремната десница на последните избори за Европскиот парламент и во континентот во целина.
Истакнувајќи дека изборните резултати треба внимателно да се разгледаат, Меркел рече дека порастот на екстремната десница е непријатен за цела Европа и дека и нејзината земја не може да биде одвоена од овие случувања.
Меркел, нагласи дека во нејзината земја секогаш има значителен број на антисемитистички групи.
„Да, треба да се прифати дека тука има сè уште работи кои треба да се направат“, рече германската канцеларка.
- Го прифати антисемитистичкиот бран во Германија
„Не постои ниту една синагога, ниту еден еврејски дом за згрижување деца и ниту едно еврејско училиште кое не треба да биде заштитено од страна на германската полиција. За жал, ова прашање не го разгледавме како што треба“, рече Меркел, укажувајќи на присуството на антисемитистичкиот бран во Германија.
Таа, исто така, ја нагласи потребата да се раскаже историјата на земјата, особено на младата популација.
Меркел, оценувајќи го порастот на гласовите кај Партијата на зелените, рече дека луѓето покажуваат чувствителност, особено за прашањата за климатските промени и за животната средина, и според тоа ги даваат своите гласови.
Меркел додаде дека и нејзината партија треба да се соочи со овој предизвик.
Осврнувајќи се на проблемот со бегалците, Меркел рече дека стои зад одлуката Германија да прифати еден милион бегалци.
„Во Сирија и Ирак се случуваат хуманитарни кризи, затворањето на границите за нив не е најдобриот пат, туку треба да се биде буден во процесот на справување, со заштита на бегалците“, наведе Меркел.
- „Трамп има свои мислења, и јас имам свои мислења“
Меркел, коментирајќи ги односите со Трамп, укажа на Маршаловиот план по Втората светска војна и додаде дека премиерите на Германија секогаш сакаат да воспостават добри односи со американските претседатели.
„Претседателот Трамп има свои мислења, и јас имам свои мислења. (Во политиката) Секогаш има конфронтации, јас сум подготвена да се соочам“, рече Меркел, нагласувајќи дека со Трамп имале различно мислење за некои работи, но на крајот пронашле заедничка основа.
Меркел во јануари истакна дека нема повеќе да се кандидира за претседател на партијата и за премиерската функција во 2021 година. На конгресот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) одржан во декември, наместо Меркел, за претседател на ЦДУ беше избрана Анегрет Крамп-Каренбауер.
Исто така, претходната недела Меркел изјави дека по повлекувањето од функцијата премиер, нема да преземе улога во Европската Унија.