Lokman İlhan
01 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
БОГОТА (АА) - Колумбиската министерка за трговија, индустрија и туризам, Марија Лорена Гутиерес, која денеска претстојува во посета на Турција, изјави дека цел на посетата е јакнење на билатералните односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Гутиерес во разговорот со новинарот на АА се осврна на нејзината посета на Турција, за преговорите меѓу двете земји поврзани со Договорот за слободна трговија, за билатералните односи, како и за секторите во Колумбија кои се отворени за инвестиции.
На почетокот министерката истакна дека нејзината земја и Турција во секој поглед имаат многу добра дипломатска комуникација, и нагласи дека големи заслуги за јакнењето на односите меѓу двете земји во последниот период има претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос.
Таа потсети дека нејзината земја по седумгодишен процес станала членка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Гутиерес подвлече дека на тој пат, Колумбија имала многу значајна поддршка од Турција.
„Турција даде голема поддршка за нашето членство во ОЕЦД. По тој повод, би сакала особено да ѝ се заблагодарам на оваа земја. Во текот на преговорите на комисиите, Турција ни даде голема поддршка. Во тој контекст, нема сомнение дека во наредниот период ќе дојде до зајакнување на односите меѓу двете земји, членки на ОЕЦД“, рече Гутиерес.
Колумбија и Турција во 2011 година започнаа преговори за Договорот за слободна трговија. Гутиерес нагласи дека овие преговори ќе бидат во фокусот и во текот на нејзината посета, истакнувајќи дека посакува да се продолжи по тој пат и да се воспостави доверба меѓу инвеститорите од двете земји.
Гутиерес зборуваше и за поволностите за инвеститорите кои нејзината земја планира да ги обезбеди во наредниот период, сè со цел, економски развој на Колумбија. Таа истакна дека во регионот ќе биде намален данокот за странските инвеститори.
Гутиерес рече дека Турција е една од светските земји лидери, кога станува збор за изградба на аеродроми.
„Во Колумбија досега реновиравме нешто повеќе од 50 аеродроми. Затоа сметам дека тоа е еден од секторите кој е привлечен за турските инвеститори. Освен тоа, имаме и повеќе проекти за изградба на автопатишта“, рече Гутиерес.
Министерката се осврна и на туристичкиот сектор. Според нејзините зборови, Колумбија некогаш ја посетувале нешто помалку од 1 милион туристи годишно, а денеска таа бројка изнесува 6 милиони. Гутиерес истакна дека сепак, тој сектор е недоволно развиен и посочи дека постои простор за инвестиции.
Нагласувајќи дека Колумбија ги ублажила даноците за инвеститорите, Гутиерес порача: „Освен размената на туристи меѓу двете земји, посакуваме и поголем број инвеститори од овој сектор во нашата земја“.
На крајот додаде дека за време на посетата на Турција ќе се сретне и со претставниците на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (THY), компанија која пред две години ги започнала летовите кон Колумбија.
„Колумбискиот пазар има големи потенцијали, а на тоа укажува и бројот на патници. Затоа им препорачувам на THY да отворат секојдневна релација Истанбул - Богота“, изјави министерката Гутиерес.
Турција во 2011 година отвори Амбасада во Колумбија. Истата година колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос ја посети Турција и ја отвори Колумбиската амбасада во Анкара.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2015 година оствари официјална посета на Колумбија, што беше прва посета на еден турски претседател на оваа земја. Истата година, во Богота започа со работа и војниот аташе.
Една година подоцна, Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), во Богота отвори свое претставништво, а THY започна да се обраќа на релацијата Истанбул - Богота. Турската новинска агенција Anadolu Agency (AA) минатата година отвори своја редакција во оваа земја и започна да објавува вести на шпански јазик, еден од 13-те јазици на кои АА ги објавува своите вести.
Турција и Колумбија продолжуваат со преговорите за формирање Договор за слободна трговија. Трговската размена меѓу двете земји во 2010 година изнесуваше 350 милиони долари, а минатата година таа достигна 1,8 милијарди долари.
Турција во 2012 година ја посетија 13.000 туристи од Колумбија, а минатата година, по отворањето на авионската линија на THY за Богота, бројката на колумбиски туристи се искачи на 30.000.