Ahmet Furkan Mercan
14 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
ТОКИО
Министерот за одбрана на Јапонија, Нобуо Киши, го посети контроверзниот храм „Јасукуни“ во Токио, со што се очекува да предизвика критики од Кина и други соседни земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Киши го посети храмот по повод годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна, што се случи во август 1945 година.
„Донесов донација, ги посетив луѓето кои ги дадоа животите за нашата земја и се помолив за нив. Јапонскиот народ ја отфрла војната и се залага за мир и соживот“, порача Киши за време на неговата посета на храмот.
Киши е прв министер за одбрана на Јапонија што го посетил храмот во последните 5 години.
Првиот секретар на јапонската Влада, Като Кацунобу, изјави дека премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга, сѐ уште не донел одлука за посета на храмот „Јасукуни“.
Иако редовно испраќаат подароци и парични прилози, највисоките официјални претставници на Јапонија ретко го посетуваат храмот што првобитно бил изграден во 1869 година, а стана контроверзен во 1978 година откако во него статус на светци добија 14 озлогласени и осудени воени злосторници од Втората светска војна.
Во храмот што се наоѓа во Токио, им се оддава почит на близу 2,5 милиони јапонски војници кои му служеле на царот, а посебен статус имаат загинатите во војните.
Кина, Јужна Кореја и други земји од тој регион сметаат дека посетата и обожавањето на храмот „Јасукуни“ се неприфатливи и дека тоа е случај како кога во Германија би постоеле места на кои би се величеле Адолф Хитлер и нацизмот.