Nour Mahd Ali Abu Aisha,Safiye Karabacak
26 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
ГАЗА
Во нападот што израелските воени авиони во утринските часови го изведоа во Појасот Газа, сериозни оштетувања претрпе Детската болница „Мохамед Дура“, известува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство се наведува дека Детската болница „Мохамед Дура“, лоцирана во областа Туфах во источниот дел на Газа, е сериозно оштетена во нападите извршени од израелските сили.
Во соопштението се наведува дека децата што се хоспитализирани во болницата, нивните придружници и медицинските тимови почувствувале голема паника поради нападот. Покрај тоа, нападот го нарушил обезбедувањето на здравствените услуги и предизвикал кршење на прозорците во собите на пациентите и во многу други одделенија.
Во соопштението се вели дека овој напад сериозно влијаел на психологијата на децата кои биле хоспитализирани.
Израелските воени авиони извршија воздушни напади врз некои подрачја во Појасот Газа, кој се наоѓа под опсада.
Израелската Армија во соопштението објавено на нејзиниот профил на Твитер тврди дека во нападот биле бомбардирани место за производство на ракети, тунел и воено подрачје на Движењето „Хамас“.
Во друго соопштение што претходно го издаде израелската Армија се вели дека две ракети лансирани од Газа кон некои региони паралелни со границата биле соборени од системот за противвоздушна одбрана „Железна купола“.