Ekip
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Министрите за одбрана на ЕУ се состанаа денес во Брисел за да дискутираат за иднината на безбедноста и одбранбената политика на Блокот, соработката со САД и другите земји, како и загриженоста во врска со руското воено засилување во близина на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Министрите за одбрана на ЕУ се очекува да одобрат преговарачки мандат за претставниците на Унијата за учеството на САД во проектите на Европската агенција за одбрана“, изјави за новинарите пред состанокот шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Ова ќе ги отвори вратите за започнување дијалог за безбедноста и одбраната со САД“, рече тој, нагласувајќи дека ова било барање од САД.
Борел исто така објасни дека министрите ќе одобрат пакет воени проекти во рамките на Постојаната структурна соработка (PESCO), што ќе го зголеми вкупниот број проекти на ПЕСКО на 60.
Според Борел, договорот на 25 земји на ЕУ од 2017 година за продлабочување на одбранбената соработка преку проектите на ПЕСКО „ќе почне да дава резултати за неколку години како нов почеток на европската одбрана“.
Тој изјави дека ќе разговараат за тоа како да бидат поефективни во мисиите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, особено во Сахел и партнерството со третите земји.
Министрите ќе продолжат со дискусиите за нацрт-стратегијата за одбрана наречена „Стратешки компас“ претставена од Борел во понеделникот на заедничкиот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ.
Документот е наменет да служи како оперативен водич за Блокот да ги развие капацитетите за безбедност и одбрана, како и да ги направи одлуките донесени во врска со прашањето поефективни.
На работен ручек со министрите за одбрана на ЕУ ќе им се придружи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Големото воено засилување на Русија во и околу Украина, што Столтенберг во понеделникот го нарече „невообичаено концентрирање на силите“, не е на официјалната агенда на министрите, но Борел изјави дека со сигурност ќе дискутираат за тоа.