Beyza Binnur Dönmez
16 Јуни 2024•Ажурирај: 19 Јуни 2024
БУРГЕНСТОК (АА) - Дводневниот мировен Самит за Украина во Бургенсток, Швајцарија, заврши денес со усвојување на завршната декларација, известува Анадолу.
На разговорите присуствуваа повеќе од 90 земји, но заедничката изјава беше поддржана од 80 земји и четири организации.
Воздржани беа 16 земји и организации, вклучувајќи ги Индонезија, Либија, Саудиска Арабија, Тајланд, Индија, Мексико, Јужноафриканската Република, Бразил и Обединетите Арапски Емирати.
Во завршниот говор на пленарната седница, претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд, рече дека и покрај различните ставови, успеале да се договорат околу заедничката визија.
„Испраќаме јасен сигнал до народот на Украина и до сите оние кои се директно погодени од последиците од војната: Голем дел од меѓународната заедница има желба да донесе промени“, рече Амхерд.
Таа додаде дека со финалната декларација државите воспоставиле рамка околу која треба да се водат понатамошните дискусии.
Претседателката Амхерд спомна три теми на кои државите ќе работат:
„Прво, секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни инсталации мора да бидат сигурни, осигурени, заштитени и еколошки прифатливи.“
„Второ, фокусот ќе биде ставен на безбедноста на храната“, рече Амхерд и истакна дека се неприфатливи нападите врз трговските бродови во пристаништата, врз цивилните пристаништа и цивилната пристанишна инфраструктура.
„Трето, сите воени заробеници мора да бидат ослободени со целосна размена. Сите депортирани и незаконски раселени украински деца, како и сите други незаконски приведени украински цивили, мора да бидат вратени во Украина“, рече таа.
Самитот имаше за цел да се најде заедничко разбирање на патот кон мирот, но на него не присуствуваа Русија и Кина.