Mahmut Geldi
12 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Припадниците на движењето Хуси во Јемен со градежна машинерија се обидоа да го урнат Спомен-обележјето на турските херои во Сана, главниот град на Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведуваат локалните медиуми, повикувајќи се на изјави на очевидци, Хусите кои се поддржани од Иран, се обиделе да го урнат Спомен-обележјето на загинатите турски херои во историскиот кварт во престолнината на Јемен.
На снимката споделена од страна на јеменските активисти може да се забележи како во придружба на вооружени лица, со градежна машинерија се обидуваат да го урнат Спомен-обележјето на турските херои.
На видеоснимките кои го прикажуваат провокативниот напад може да се забележи дека е оштетено Спомен-обележјето.
Од друга страна, голем број јеменски активисти и писатели на социјалните мрежи реагираа на оваа постапка на Хусите, кои со години го контролираат главниот град Сана и некои други региони во Јемен.
Во реакцијата се истакнува дека со оваа постапка Хусите се обидуваат да ги прекинат односите со пријателските и братски земји, и дека покажале непријателство кон самата историја и култура на Јемен.
Спомен-обележјето на турските херои во Јемен во 2011 година го отвори Абдула Ѓул, тогашен претседател на Република Турција, за време на својата службена посета на таа земја.
Спомен-обележјето на турските херои, кое е изградено во регион во кој е застапено турско историско наследство и каде што се наоѓа поранешната османлиска касарна, ги чува спомените на турските херои кои ги дадоа животите во Јемен во период од 400 години.