Elena Teslova
12 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека со високопрецизно оружје ги погодиле украинскиот воен аеродром „Василкив“ и разузнавачкиот центар во Бровари, во близина Киев, главниот град на Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
„Утрово на 12 март со високопрецизно оружје со долг дострел погодени се објекти од воената инфраструктура на Украина. Онеспособени се воениот аеродром во Василкив и главниот центар на радио-разузнавачката служба на Воените сили на Украина во Бровари“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Конашенков додаде дека рускиот систем за противвоздушна одбрана соборил 5 беспилотни летала.
Според неговите зборови, руските воздушно-десантни сили во текот на минатиот ден погодиле 145 украински воени цели, вклучувајќи и три противвоздушни одбранбени системи „Бук M-1“, осум контролни и комуникациски центри, пет магацини за муниција и гориво и 78 локации на кои се собирала воена опрема.
Конашенков изјави дека во текот на руско-украинската војна во Украина онеспособени се 3.491 воена инфраструктурна цел, вклучувајќи и 123 беспилотни летала, 1.127 тенкови и други оклопни борбени возила, 115 повеќецевни ракетни фрлачи, 423 топови и минофрлачи и 934 специјални воени возила.
Тој додаде дека бунтовничките сили во регионот на Доњецк и Луганск ја презеле контролата над пет населби.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), најмалку 564 цивили се убиени, а 957 се ранети во Украина од почетокот на војната на 24 февруари. Агенцијата за бегалци на ОН објави дека повеќе од 2,5 милиони луѓе од Украина избегале во соседните земји, а околу 2 милиони се раселени во Украина.