Mustafa Keleş,Canberk Yüksel
03 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ЊУЈОРК (AA) - Муслиманите во Америка кои се загрижени дека одредени верски и општествени права ќе им бидат ограничени откако Доналд Трамп на 20. јануари официјално ќе започне да ја извршува функцијата американски претседател, порачаа дека во ниедни услови нема да ги напуштат САД и дека ќе се борат за своите права, јавува Anadolu Agency (AA).
Ставовите на Трамп во текот на изборната кампања, но и антиисламските изјави на одредени членови на неговиот кабинет ги загрижија муслиманите во САД.
Муслиманските невладини организации беа една од главните теми на конгресот што Муслиманско-американското општество (МАС) и Исламскиот круг на Северна Америка (ICNA) го организираа во Чикаго.
Претседателот на Советот на муслиманските организации во САД (USCMO), Осама Џамал, за АА изјави дека исламофобијата расте во целиот свет и дека тоа стана вознемирувачки тренд во САД.
Вели дека е разбирливо помали групи и поединци да зборуваат против муслиманите, но шокантно е исламофобијата да биде своевидна претседателска тема, како за муслиманите така и за немуслиманите.
„Ова е нашата земја и нашиот дом, не одиме никаде. Само ќе имаме тешкотии да се објасниме самите себеси на американскиот народ“, рече Џамал и додаде дека муслиманите даваат свој придонес во САД.
Тој истакна дека САД негуваат вредности како слободата на вероисповед и заштитата на правата на сите групи и заедници.
„Ова е земја на мигрантите. Не можете да одвоите една група или вера од друга. Ние од новоизбраниот претседател, ако навистина сака да ја направи Америка голема, очекуваме да се посвети на основните вредности“, истакна Џамал и додаде дека доколку се откажат од споменатите вредности, „САД нема да бидат голема земја“.
Тој нласи дека не е тајна оти исламската заедница е разочарана од резултатите од изборите и дека повеќето гласачи во САД не се среќни од резултатите.
„Ние не сме разочарани од Доналд Трамп, туку од агендата што ја изложува и со тоа што голем број Американци ги поддржува“ појасни тој.
Слично размислува и Нихад Авад, претседател на Советот на американско-исламската соработка (CAIR). Тој смета дека Трамп во текот на изборната кампања ја искористи загриженоста на луѓето што се плашат од муслиманите и кои не се доволно информирани за исламот.
„Американската исламска заедница има обврска да дојде во контакт со американскиот народ и на правилен начин да го претстави исламот и муслиманите“, појасни Авад.
Тој додаде дека со изборот на Трамп не се загрижени само муслиманите, туку сите малцински групи. Авад нагласи дека нема да им робува на сопствените стравови и дека ќе причека да види каква политика следи Трамп.
„Доколку Трамп трне да ги регистрира муслиманите, правно ќе се бориме против тоа. Тоа е противуставно, нелегално и спротивно на американските вредности“, порача Авад.
Писателот и академик Џамал Бадави рече и дека исламофобијата во САД расте брзо и дека е важно да се разговара за чекорите што ќе бидат преземени во однос на ова прашање во рамките на дијалогот меѓу исламската заедница во САД и лидерите на невладините организации.
„Како муслимани треба со тешкотиите да се справуваме со ладна глава и да размислуваме како на позитивен начин можеме да го решиме проблемот", нагласи Бадави.
Една тод темите на конгресот е и обидот за државен удар во Турција што на 15. јули 2016 година го извршија воени лица лојални на терористичката организација ФЕТО.
Џамал изрази задоволство од реакцијата на турскиот народ кога станува збор за обидот за државен удар и рече дека го изненадила љубовта на турскиот народ кон демократијата, слободата, претседателот и државата.
Бадави нагласи дека воените удари донесуваат ограничување кога станува збор за слободите и верските права и дека се надева оти 15. јули е последниот таков обид во историјата на Турција.„Дојде до големи загуби. Дури и Парламентот е бомбардиран. Тоа е големо предавство“, истакна Бадави.