Sefa Mutlu
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
ШАПУРИ (AA) - СЕФА МУТЛУ – По пеколот со којшто се соочија откако мјанмарската војска и будистичките националисти им ги запалија селата, араканските муслимани (Рохинџа) прават напори да побегнат на островот Шапури, Бангладеш, чие име значи Рајски остров, јавува Anadolu Agency (AA).
Брегот на Шапури е најблиската точка до регионот Текнаф и поради оддалеченоста од само неколку километри од Мјанмар, сѐ почесто е прва дестинација за многумина бегалци на нивниот пат кон Бангладеш.

Од брегот на Бангладеш може да се види чад над изгорените муслимански села во Мјанмар. Во самракот, свирепоста што се случува во Мјанмар е поочигледна, а во темнината на ноќта, голем број бегалци се обидуваат да избегаат со чамци.
Локалните извори наведуваат дека сѐ повеќе безживотни тела се извлекуваат од реката Наф и од Индискиот Океан, кои се чести рути на бегалците. Одредени извори сметаат дека бегалците гинат и при обидот за бегство со чамец, од пукотниците врз нив од страна на мјанмарските војници.
Жителите на Шапури велат дека десетици илјади муслимани ги чекаат чамците на брегот на Мјанмар.
Араканските муслимани се обидуваат да се спасат од масакрите што од 25 август се вршат над нив, а исто така прават напори да ги пренесат и болните, како и членовите на семејствата кои не се во можност сами да стигнат на безбедно место.
Иако со денови не јаделе ништо, на грбот ги пренесуваат своите родители.
Рохинџа муслиманите кои за првпат пристигнаа на брегот на Шапури, во Бангладеш, за АА го споделија ужасот што го преживеаја.
Амина Хатун е само една од многуте бегалки кои успеале да стигнат на посигурно подрачје, и покрај изнемоштеноста и раните на телото.
„Мјанмарските војници постојано доаѓаат во нашите села и ги палат нашите домови. Со денови одевме и се сместивме на малиот брег. Долго чекавме на брегот на реката Наф. Оттаму продолживме да чекориме и ги чекавме чамците со кои ќе преминеме на спротивната страна“, изјави Хатун.
Таа додаде дека луѓето се принудени со денови да се кријат во шумите.
„Мојот пат до Бангладеш траеше девет дена. Војниците доаѓаат во селата и вршат упади во куќите. Ги носат некаде жителите. Војниците убиваат луѓе. Таму се случува голем масакр. Пред два дена, откако убија голем број луѓе, ги запалија телата“, раскажа Хатун.
Мухамед Азам (47) и неговото семејство успеаја да побегнат во Бангладеш.
Тој додаде дека на местото каде што се качил на чамецот чекаат голем број луѓе за и тие да побегнат во Бангладеш.