Gökhan Kurtaran
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
ЛОНДОН
Челичаната „Бритиш стил“ („British Steel“), која е втора по големина во Британија, се подготвува да го објави својот банкрот доколку не се најде купувач за компанијата. Доколку дојде до банкрот, приближно 25.000 лица ќе останат без работа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британската медиумска куќа „Би-би-си“ (BBC) објави дека компанијата „British Steel“ се подготвува да го објави својот банкрот, поради што 5.000 лица кои работат во производствените капацитети на компанијата и уште 20.000 лица кои работат во синџирот за снабдување би можеле да останат без работа.
Во веста се наведува дека едно лице одредено од страна на британската Влада ќе го преземе раководењето со компанијата и во тој период, со помош на специјален менаџер од „Ernst & Young“, ќе се бара купувач за компанијата.
Британските медиуми објавија дека неуспешно завршиле финансиските средби меѓу британската Влада и групацијата „Greybull Capital“, со која е поврзана компанијата „British Steеl“ за производство на челик.
Изминатата недела, компанијата „British Steel“ од британската Влада побара финансиска поддршка со цел да се елиминираат негативните ефекти предизвикани од процесот Брегзит за излез на Британија од Европската Унија.
Во барањето на компанија не е наведена сума, а британските медиуми излегоа со информации дека компанијата од Владата побарала поддршка од приближно 75 милиони фунти.
Познато е дека од јуни 2016 година наваму, по референдумот на кој Британија одлучи да излезе од Европската Унија, загубите поради зголемената неизвесност и падот на вредноста на фунтата негативно влијаеја врз компанијата „British Steel“.