Recep Şakar
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
МЕЛБУРН (АА) - Починаа 145 китови пилоти што се насукаа на брегот на островот Стујард на Нов Зеланд бидејќи не можеа да се вратат во морето, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата за заштита на Нов Зеланд (DOC) издаде соопштение во кое се наведува дека 145 пилот-китови, од засега непознати причини се насукале во јужниот дел на земјата, на брегот на островот Стујард.
Директорот на операцијата на Канцеларијата за заштита на Нов Зеланд (DOC) на Стујард, Рен Лепенс, соопшти дека најголемиот дел од китовите што ги забележале насукани на брегот во јужниот дел од теснецот Масон починале, додавајќи дека врз преостанатите китови што останале живи била применета евтаназија, бидејќи не било можно да се спасат овие џиновски цицачи.
Лепенс изјави дека е тажно што е применета евтаназија, но истакна дека во вакви случаи тоа е нужна потреба и додаде: „За жал екстремно мала беше веројатноста за успешно враќање на преостанатите китови во морето.“
- Не е познато која е причината поради која китовите се насукале на брегот -
Насукувањето на китовите на морскиот брег е честа појава во Нов Зеланд. Сè уште не се знае точната причина поради која тоа се случува, но сепак идентификувани се одредени фактори.
Меѓу факторите што влијаат на овие трагични настани се грешка при навигацијата кај овие големи цицачи, географските карактеристики на морињата, брзото издигање и паѓање на нивото на морињата, ловот на китовите од страна на китоловците и нивното бркање до плитките води, заштитата на болен кит во групата или неповолните временски услови.
Нов Зеланд е една од земјите во која се забележани најголем број случаи на насукување китови на брегот. Во февруари 2017 година починаа 70 отсто од 450 пилот-китови што се насукаа на брегот на Јужниот Остров во Златниот Теснец на Нов Зеланд, додека во 2009 година, во близина на островите Чатхам, починаа над 100 китови насукани на брегот.