Betül Yürük
07 Јуни 2020•Ажурирај: 07 Јуни 2020
ЊУЈОРК (АА) - Протестите во Соединетите Американски Држави (САД) по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд траат речиси две недели, а во 34 сојузни држави на протестите ангажирани се над 43.300 припадници на Националната гарда, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Над 43.300 припадници на Националната гарда се распоредени во 34 сојузни држави и во Вашингтон за да ѝ помогнат на полицијата во смирувањето на граѓанските немири“, објавено е на твитер-профилот на Националната гарда.
Наведено е дека 37.000 припадници на Гардата помагаат и во борбата против коронавирусот во различни делови на САД.
Флојд беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, САД, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните мрежи. Полицијата го привела со лисици и го турнала на земја, а еден од нив, полицаецот Дерек Шаувин, го притиснал коленото на вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставувал на апсењето. Против Шаувин е поднесено обвинение за убиство од втор степен, додека други тројца полицајци се обвинети за помагање при извршување на делото.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велел дека не може да дише, полицаецот не го тргнал коленото од неговиот врат. Набргу потоа, Флојд изгубил свест, а полицаецот и понатаму ја задржал истата позиција кон жртвата. Флојд починал набргу откако бил хоспитализиран.
Смртта на Флојд предизвика бран протести против полициската бруталност и расната дискриминација, што во многу американски градови прераснаа во насилни.