Furkan Naci Top
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
АТИНА - Гласноговорникот на Високиот комесаријат на ОН за бегалците (УНХЦР) во Грција, Борис Чеширков, рече дека на грчките острови се наоѓаат повеќе од три илјади бегалци кои живеат во услови несоодветни за зима, јавува Anadolu Agency (AA).
Чеширков во изјавата за АА рече дека во оваа област се видливи првите знаци што ја најавуваат зимата.
Тој рече дека се приближуваат врнежи и студено време и оти намалувањето на бројот на бегалците во камповите треба да биде приоритет.
„Во камповите и во шаторите во близина на Лезбос, Хиос и Самос се наоѓаат повеќе од 3.000 бегалци кои немаат можност за греење“, рече Чеширков.
Според она што го пренесува тој, бегалците, вклучително и семејствата со мали деца и бремени жени живеат во несоодветни услови.
Панајотис Пахопулос, член на невладината организација „Arsis“ (Арсис), која на островот Хиос им помага на бегалците, рече дека капацитетите на бегалските кампови се недоволни.
Тој додава дека има само еден камп на островот, за илјадници луѓе.
„Капацитетите се недоволни. Ситуацијата е исклучително тешка. Наместо контејнери, за овие луѓе се донесени шатори“, рече Пахопулос.
Тој предупреди дека нема доволно греење, а топла вода воопшто нема.
„Луѓето во ред чекаат да добијат храна и вода. Кога има врнежи, невозможно е да ги заштитат своите работи од дождот“, објаснува тој.
Околу 15.000 бегалци се наоѓаат на грчките острови, чекајќи да се реши нивниот статус. Зголемувањето на бројот на бегалците кои во август и во септември пристигнаа во Грција, уште еднаш покажа дека капацитетот на кампот не е доволен.
Во согласност со новата ситуација, грчката Влада одлучи да пренесе околу 2.000 бегалци од островот на полуостровот, а невладините организации упатија повик до грчкиот премиер Алексис Ципрас бегалците да не се задржуваат на островите.