Kasım İleri
19 Ноември 2020•Ажурирај: 20 Ноември 2020
ВАШИНГТОН
- Касим ИЛЕРИ
Иако Соединетите Американски Држави (САД) во последните години го намалија бројот на војници во многу земји и затворија некои од своите бази, американската војска сè уште има речиси 800 воени бази со различна големина во 172 земји и повеќе од 320.000 војници надвор од американскиот континент, пишува Агенција Анадолија (АА).
Наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп до Пентагон за намалување на бројот на американски војници во Авганистан и Ирак на 2.500 од 15 јануари, го привлече вниманието врз американските воени бази во странство.
Според документот за националната одбранбена стратегија за 2018 година, Пентагон се обидува да го намали бројот на своите сили, особено на Блискиот Исток и во Африка.
Истовремено, познато е дека САД започнаа да ги повлекуваат високите воени претставници во многу региони, особено во Африка, и да ги заменуваат со војници од понизок ранг.

И покрај тие промени, САД сè уште имаат десетици илјади војници во речиси сите региони.
Покрај тоа, стотици илјади војници дежураат на американските носачи на авиони и придружните бродови, кои немаат директно седиште во една земја.
Над 320.000 американски војници дежураат во 172 земји, како и на Хаваите и Порторико, кои се американски територии.
Со повлекувањето на САД од Ирак и Авганистан, Пацифичкиот Регион стана подрачје со најголем број американски војници. Додека повеќето американски војници се стационирани на Хавајските Острови во овој регион, земјата која прима најмногу американски војници е Јапонија.
Во Јапонија има 60.920 војници, кои САД ги гледаат како прва линија на фронтот против Кина, и 29.220 војници во Јужна Кореја.
На островот Гуам, каде што Северна Кореја се заканува со нуклеарна ракета и каде што се сместени американските бомбардери, се наоѓаат 11.220 војници.
Освен нив, САД имаат околу 2.000 војници во земјите во регионот, вклучувајќи ги Австралија, Тајланд, Филипините, Индија и Сингапур.
Со тоа, бројот на војници стационирани во пацифичките територии на САД надминува 103.000.
Исто така, значителен број американски војници има и во Европа, која поради НАТО е стратешки концентрирано подрачје на САД.
Американската администрација во изминатите месеци одлучи да го намали бројот на војници во Германија на 25.000, но според податоците од 30 септември, во Германија стационирани се 46.094 американски војници.
Исто така, 14.720 американски војници се стационирани во Италија, а 1.869 во Белгија, каде што е седиштето на НАТО. Во Шпанија има 3.575 американски војници, а во Холандија 629 војници.
Постојат податоци дека во Грција има 463 американски војници, а во Турција 1.762 војници.
Пентагон има 4.500 американски војници во Полска и околу 700 во Норвешка, а распореди стотици војници и во други источноевропски земји.
По 11 септември 2001 година, во Авганистан и Ирак имаше над 200.000 американски војници.
Иако поранешниот американски претседател Барак Обама повлече поголем број војници од Ирак и Авганистан во 2011 година, Блискиот Исток остана регион со значителна концентрација на трупите.
Со одлука објавена оваа недела, САД ќе го намалат бројот на своите војници во Авганистан и Ирак на 2.500.
Иако американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) испразни многу свои бази во Ирак, и понатаму го користи она што е познато како „Мала Америка“ во Катар, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин.
Имено, 4.517 американски војници се стационирани во Бахреин, 8.000 во Катар и 13.500 во Кувајт.
Во Обединетите Арапски Емирати има 5.000 американски војници, во Саудиска Арабија околу 4.000 и во Јордан се стационирани над 3.000 американски војници.