Oliver Towfigh Nia
29 Јули 2025•Ажурирај: 30 Јули 2025
БЕРЛИН (АА) – Речиси три четвртини од Германците сметаат дека нивната влада треба да изврши поголем притисок врз Израел заради катастрофалната хуманитарна состојба во Појасот Газа, според анкета на „Форса“ спроведена по нарачка на списанието „Штерн“, објавена денес, јавува Анадолу.
Околу 74 % од испитаниците изјавиле дека сакаат федералната влада да заземе поцврст став кон Израел во врска со конфликтот против палестинската група Хамас во Газа.
Анкетата открива јасна поделба во мислењата според политичката припадност. Така, 94 % од поддржувачите на опозициската Левица и 88 % од гласачите на Зелените се за засилен притисок врз Израел.
Дури и кај поддржувачите на владејачките партии – централно-десничарската партија Христијански демократи (ЦДУ) и сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), како и кај централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД) – околу 77 % бараат од германската Влада да преземе повеќе мерки за да го принуди Израел да ја ублажи хуманитарната катастрофа и да ги прекине воените дејствија што траат од октомври 2023 година.
Противење на зголемен дипломатски притисок врз Израел доаѓа и меѓу поддржувачите на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), од кои 37 % се против поголем притисок. Сепак, дури и кај нив, мнозинство од 61 % се изјасниле за поостар германски став кон Израел.
Германија долго време важеше за еден од најсилните сојузници на Израел, со политички лидери кои често ја нагласуваат „историската одговорност“ поради нацистичкото минато и холокаустот врз Евреите за време на Втората светска војна.
Но земјата во последниве месеци сведочи на масовни демонстрации, каде што граѓаните го изразуваат својот гнев поради израелските воени злосторства во Газа.
Под зголемен јавен притисок, канцеларот Фридрих Мерц вчера изјави дека неговата влада размислува за зголемување на притисокот врз Израел поради тешката хуманитарна состојба во енклавата.
Израел досега има убиено над 60.000 Палестинци во Појасот Газа од октомври 2023 година. Блокадата што ја спроведува доведе до недостиг на храна и смртни случаи како последица на глад.