10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
ИДЛИБ (АА) - И понатаму траат нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад на населбите во регионот Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили и нивните лојални проирански милитантни групи извршија напади на градовите Хан Шејкун и Сарагиб во покраината Идлиб. Цел беа и градовите во покраината Хама, кои заедно ја сочинуваат зоната без судири во североисточниот дел на Сирија.
За време на акцијата на барање и спасување на подрачјето Џиср еш Шугур во Идлиб, под урнатините е извлечено тримесечно бебе.
Населбите на југоисточниот дел на Идлиб од раните утрински часови се цел на силите на Асад. Во петокот вечерта се истрелани десетици проектили кон селото Хавиз.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозициските сили во Сирија. Во септември минатата година, со посредство на Турција и Русија, во Сочи е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување на зона без судири за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите приврзани на режимот на Асад изведоа низа артилериски и воздушни напади во тој регион.
Мрежата за човекови права во Сирија (SNHR) претходно информираше дека во нападите на режимот од почетокот на годината досега, во Идлиб се убиени над 112, а ранети се над 340 цивили.
Силите на режимот на Асад од почетокот на февруари ги интензивираа нападите врз зоната без судири во Идлиб. Оттогаш досега, околу 8.000 семејства од Идлиб избегаа на територијата на Турција и згрижени се во тамошните кампови.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Турција и Русија, кој има за цел заштита на примирјето во Идлиб, околу 25.000 семејства беа приморани да ги напуштат своите огништа.