Ekip
09 Март 2019•Ажурирај: 10 Март 2019
Претседателот на Судан, Омар ал Башир, нареди ослободување на сите политички затворенички во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на политичкиот собир во главниот град Картум, Ал Башир рече дека ќе бидат ослободени сите политички затворенички кои се уапсени за време на протестите во земјата.
Тој додаде дека веќе му е издадена наредба на шефот на разузнавачката служба да ги ослободи сите политички затворенички.
„Наредено му е на шефот на разузнавачката служба, Салах Гош, без одлагање да ги ослободи притворените жени“, рече претседателот на Судан.
На насобраните им вети дека во наредниот период ќе ги спроведе сите најавени економски реформи.
Во јануари министерот за внатрешни работи, Ахмед Билал Осман, изјави дека се приведени околу 800 демонстранти, а дека од нив, околу 160 се ослободени истиот месец.
Илјадници жени протестираа во главниот град Картум по повод Меѓународниот ден на жената.
Исто така, вчера, по петочната молитва, на други демонстрации учествуваа стотици луѓе, повикувајќи го претседателот Башир да се повлече.