Ömer Tuğrul Çam
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - НАТО ги осуди кибернападите врз Албанија и соопшти дека сојузниците се солидарни со земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на НАТО се наведува дека земјите членки ги зеле предвид изјавите на Албанија и другите сојузници кои одговорноста за нападите ја припишуваат на иранската Влада.
„Силно ги осудуваме таквите злонамерни киберактивности чија цел е да се наштети и да се дестабилизира безбедноста на сојузниците и да го нарушат секојдневниот живот на граѓаните“, пишува во соопштението.
НАТО и неговите сојузници ја поддржуваат Албанија да ги зајакне нејзините капацитети за кибербезбедност, а се нагласува дека НАТО ќе продолжи да ја зголемува одбраната од можни киберзакани.
Република Албанија вчера соопшти дека одлучила да ги прекине дипломатските односи со Иран, како одговор на кибернападите што беа извршени на веб-страниците на Владата на земјата во јули годинава. Иран, пак, ја осуди одлуката на Албанија и ги отфрли обвинувањата на САД и Велика Британија, кои го сметаат Техеран за одговорен.