Nuri Aydın
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
КИЕВ (АА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека администрацијата на Вашингтон планира да обезбеди воена помош во вредност од 2 милијарди долари за 18-те соседи на Русија и на Украина, кои се под закана од напад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По посетата на Полска, Блинкен ненадејно го посети главниот град Киев и се сретна со украинските власти.
За време на неговиот состанок со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, Блинкен соопшти дека го информирал Конгресот дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да обезбеди 2 милијарди долари долгорочна воена помош за Украина и 18-те соседи на Русија кои се под закана од напад.
Блинкен, исто така, ја посети и Американската амбасада во главниот град, а потоа и Националната специјализирана детска болница „Охматдит“.
– САД повикуваат на континуирана поддршка за Украина –
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на петтиот состанок на Контакт-групата за поддршка на Украина, предводена од САД, во воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија истакна дека руската војна во Украина влегла во важна пресвртница, и дека сојузничките земји треба долгорочно да продолжат со поддршката за Украина.
Наведувајќи дека Контакт-групата за поддршка на Украина е формирана за да ги задоволи „најитните потреби“, Остин рече: „Војната влезе во важен пресврт. Сојузничките земји треба да продолжат да ја поддржуваат Украина на долг рок.“
Остин изјави дека денеска се собрале во „Рамштајн“ затоа што одбиваат да живеат во свет во кој големите сили насилно ги менуваат границите, дека се променил текот на војната во Украина и дека е сменета мисијата на Контакт-групата.
Меѓу другото, Остин истакна дека тие ќе работат заедно за да ги обучат Украинските вооружени сили и да ги интегрираат капацитетите на земјата.
Потсетувајќи на американското ветување од 6,3 милијарди долари безбедносна помош за Украина на состанокот на Контакт-групата за поддршка на Украина минатиот месец, Остин рече дека Бајден вчера одобрил дополнителен пакет воена помош за Украина од 675 милиони долари.