Beyza Binnur Dönmez
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
АНКАРА (АА) - Руските единици во Украина не се повлекуваат, туку се репозиционираат, изјави денеска секретарот на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Русија се обидува да се прегрупира, да се снабди и да ја зајакне нејзината офанзива во регионот на Донбас“, рече генералниот секретар Јенс Столтенберг за време на прес-конференцијата, одржана за да го претстави својот годишен извештај за 2021 година.
Тој рече дека притисокот врз главниот град Киев се одржува и во други украински градови и „ние можеме да очекуваме дополнителни офанзивни дејствија кои носат уште повеќе страдање“.
По мировните преговори со Украина во Истанбул, денеска Русија рече дека значајно ќе ги намали воените активности околу Киев и Чернихив за да ја зголеми довербата за преговорите во иднина.
„Русија постојано лажеше за своите намери. На Русија можеме да ѝ судиме само според нејзините дејствија, а не според нејзините зборови“, рече Столтенберг.
Тој ја повика Русија да ја прекине блокадата на Црното Море и да ѝ дозволи на Украина да извезува повторно.
„Исклучително е важно да се стави крај на блокадата“, рече тој, „бидејќи предизвикува зголемувања на цените околу светот, влијаејќи на храната, благосостојбата и егзистенцијата на луѓето.“
Блокадата на Москва на Црното Море го одложува клучниот извоз на жито, за што ОН изразија загриженост дека може да предизвика продлабочена криза со глад во земји како што се Јемен и Етиопија.
- Мировни разговори, закана од можна употреба на хемиско оружје
Осврнувајќи со на неодамнешните мировни преговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул, Столтенберг ѝ се заблагодари на Турција за иницијативата со која се бара да се стави крај на војната.
„Јас ги поздравувам сите напори за да се пронајде политичко решение за оваа брутална, бесмислена војна, вклучително и неодамнешните преговори во Турција и исто така ѝ благодарам на Турција за тоа што беше домаќин на овие преговори“, рече тој.
Секретарот на НАТО повтори дека секоја употреба на хемиско оружје би претставувала грубо кршење на меѓународното право и дека Русија ќе се соочи со тешки последици.
„Сојузниците на НАТО обезбедија поддршка за Украина за да ѝ помогнат да се заштити од хемиска или биолошка војна, како и заштитна опрема за откривање и идентификување хемиски напад“, додаде тој.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.189 цивили, а 1.901 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.