Şerife Çetin
05 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) - Откако Русија потпиша уредба за повлекување од Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел (INF), генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, упати повик до Москва да ги исполни своите обврски од споменатиот договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг за време на средбата со група новинари во седиштето на НАТО во Брисел истакна дека Договорот за елиминација на нуклеарните проектили, потпишан во 1987 година, е еден од темелите на евроатлантската безбедност.
Тој истакна дека Русија со ракетниот систем SSC8 отворено го крши Договорот за ИНФ, и порача: „Сојузниците на НАТО ја повикуваат Русија да ги исполни своите обврски во согласност со Договорот.“
Столтенберг нагласи дека сојузниците во НАТО прават подготовки за еден „свет во кој нема да биде потребен Договорот за ИНФ“, и дека НАТО нема намера да дозволи на европско тло да се распореди нуклеарно оружје.
„Главната цел на НАТО е да се спречи конфликт, и тоа успешно го извршува цели 70 години“, рече Столтенберг.
Од Кремљ беше соопштено дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал декрет за суспензија на Договорот за ИНФ, кој беше потпишан помеѓу Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави, кој беше склучен во 1987 година.
САД на 1 февруари објавија дека се повлекуваат од Договорот за елиминирање на нуклеарните проектили од краток и среден дострел (INF). Еден ден подоцна, рускиот претседател Владимир Путин порача дека и неговата земја се повлекува од Договорот.