НАТО ќе го зајакне военото присуство во Балтичкото Море по инцидентот со подморскиот кабел
Руте рече дека телефонски разговарал со финскиот претседател Александар Стуб во врска со тековната истрага предводена од Финска поради можна саботажа на подморските кабли
ЛОНДОН (АА) - Шефот на НАТО, Марк Руте, денес изрази целосна солидарност и поддршка за истрагата за „можната саботажа на подморските кабли“, укажувајќи на зајакнување на военото присуство во Балтичкото Море, јавува Анадолу.
Руте рече дека телефонски разговарал со финскиот претседател Александар Стуб во врска со тековната истрага предводена од Финска поради можна саботажа на подморските кабли.
„Изразувам целосна солидарност и поддршка. НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море“, напиша тој на социјалната мрежа Х.
Руте, исто така, вчера имаше телефонски разговор и со естонската премиерка Кристен Михал, велејќи дека НАТО се солидализира со сојузниците и ги осудува сите напади врз критичната инфраструктура.
Финските власти во средата соопштија дека е оштетен подводниот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија, што го означи последниот во серијата инциденти со критичната инфраструктура во Балтичкото Море.
Финскиот оператор на електричната мрежа Фингрид во средата соопшти дека интерконекторите Естлинк 2 се исклучени во 12:26 часот по локално време.
Шефот на операциите на Фингрид, Арто Пакин, за јавната телевизија Јле изјави дека веројатно се работи за саботажа и дека истрагата продолжува.
Финската полиција денес соопшти дека во соработка со другите власти го истражуваат прекинот на кабелот за пренос на електрична енергија Естлинк 2 во рамките на финската ексклузивна економска зона (EEZ) во Финскиот Залив.
Полициската управа во Хелсинки и Граничната стража извршиле тактичка операција на пловилото, додека надлежните презеле истражни мерки на пловилото, соопшти полицијата.
Балтичкото Море е место на неколку инфраструктурни инциденти од висок профил од почетокот на руската војна против Украина во февруари 2022 година, што ги зголеми тензиите во регионот.