Dmitri Chirciu
08 Мај 2022•Ажурирај: 09 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Министерот за здравство на Украина, Виктор Љашко, изјави дека од почетокот на војната во земјата животот го загубиле најмалку 10 здравствени работници, известува Агенција Анадолија (АА).
Љашко во Киев се состана со генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус.
„Од почетокот на војната во Украина животот го загубија најмалку 10 здравствени работници, а уште најмалку 40 се ранети“, им изјави Љашко на новинарите по состанокот.
Тој информираше дека од почетокот на војната во Украина во потполност се уништени најмалку 40 болници.
„Околу 500 болници се оштетени во поголема мерка и таму е невозможно да се даваат болнички услуги. Ова ги крши сите принципи на СЗО. Русија користи забрането оружје и ги крши сите меѓународни конвенции. Ги повикувам сите колеги да сторат сѐ што е во нивна моќ Русија да ја остави Украина на мира“, порача Љашко.
Шефот на СЗО, Гебрејсус, нагласи дека здравствениот систем не би смеел да биде цел на напади во текот на воените дејствија.
„Откако Русија ја започна војната против Украина, СЗО пружи поддршка за 15.000 болници и обезбеди медицински резерви за 650 луѓе“, рече Гебрејсус.
Тој рече дека СЗО им помага и на украинските бегалци во соседните земји и додаде дека со помош на СЗО, во западниот дел на Украина делуваат три здравствени центри.