Ikrame Imane Kouachi
04 Јули 2025•Ажурирај: 05 Јули 2025
АНКАРА (АА) - Најмалку 15 Палестинци се убиени утринава кога израелските воени авиони нападнаа шатори во кои се засолнети раселените семејства во областа Ал-Мавааси западно од Кан Јунис во јужниот дел на Газа, според локалните извори, јавува Анадолу.
Повеќето жртви биле членови на исто семејство чие засолниште било директно погодено во близина на Кулите Тајба, изјавија очевидци за Анадолу. Во нападот има и неколкумина повредени.
Палестинската новинска агенција Вафа објави дека израелската артилерија, исто така, погодила шатори во кои биле сместени раселени цивили во Ал-Маваси, Рафа, во јужна Газа, при што има жртви.
Во друг инцидент израелските сили урнале повеќе станбени куќи во северниот дел на Кан Јунис, според очевидци.
Најновите напади се случија само еден ден откако повеќе од 100 Палестинци беа убиени низ Појасот Газа, вклучително и 51 лице што го загубија животот додека чекале хуманитарна помош, според локалните извештаи.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува геноцидна војна во Газа, во која се убиени повеќе од 57.100 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.