Mohamed Majed,Safiye Karabacak
03 Април 2025•Ажурирај: 04 Април 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку 34 Палестинци се убиени денес во израелските воздушни напади врз две училишта во кои беа засолнети раселените цивили во градот Газа, објавија властите, известува Анадолу.
Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека се убиени 31 Палестинец, од кои 18 деца и една жена, а повеќе од 100 се повредени во нападот врз училиштето „Дар ал-Аркам“, каде што стотици цивили се засолнија во населбата Туфах.
Во соопштението се наведува дека шест жртви се водат за исчезнати, а десетици се повредени.
Израелската Армија го призна нападот, тврдејќи дека „елементите на Хамас го користеле (училиштето) како командно-контролен центар за планирање и извршување напади кон израелските цивили и војници“.
Израелската војска тврди дека пред нападот, „биле преземени бројни чекори за да се ублажи штетата врз цивилите, вклучително и употреба на воздушно набљудување и дополнителни разузнавачки информации“, иако притоа не обезбеди докази кои би ги поддржале овие тврдења.
Во Баптистичката болница „Ал-Ахли“ се донесени телата на тројца Палестинци кои беа убиени во воздушниот напад врз училиштето „Фахд ал-Сабах“, во кое беа засолнети стотици раселени цивили, изјавија медицински извори за Анадолу.
Ова е последниот напад по обновувањето на израелските брутални напади врз Газа на 18 март, откога се убиени повеќе од 1.160 Палестинци и повредени се повеќе од 2.700, со што беше прекршен прекинот на огнот и договорот за размена на затвореници меѓу Израел и палестинската група на отпорот Хамас воведен во јануари.
Израел систематски нишанеше цивилни објекти, вклучително и училишта, болници и места за богослужба, во неговата тековна офанзива на Појасот Газа.
Според правилата за војна, нишанењето такви цивилни објекти може да претставува воено злосторство.
Во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа со цел спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Повеќе од 50.500 Палестинци се убиени во Газа во воениот напад на Израел од октомври 2023 година, од кои повеќето се жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за приведување за Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант, под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.