Turgut Alp Boyraz
21 Јули 2017•Ажурирај: 22 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Најмалку 79 лица се повредени за време на интервенцијата на израелската полиција пред џамијата Ал Акса, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелските сили употребија гумени куршуми, звучни бомби и солзавец за да ги растераат Палестинците кои пред влезот на Ал-Акса чекаа за да ја извршат вечерната молитва.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека за време на интервенцијата се повредени 79 Палестинци, од кои двајца се во критична состојба. Очевидците тврдат дека некои Палестинци се приведени.
Израелските безбедносни сили во понеделникот, по четири дена, ја укинаа забраната за влез во реонот Стар Град во Источен Ерусалим, но силните тензии во овој регион и понатаму траат.
Локалното муслиманско население во комплексот Ал Акса не можеше да влезе од петокот до понеделникот, а израелските сили во неделата и на влезот во комплексот поставија дополнителни контролни пунктови со детектори за метал. Локалните Палестинци протестираат поради тоа и одбиваат да влезат во комплексот, туку молитвите ги извршуваат пред него.
Кризата во источен Ерусалим ескалираше во петокот наутро, кога израелските полицајци убија тројца Палестинци пред и во комплексот Ал Акса, а сето тоа резултираше со масовно стампедо во коешто беа повредени неколку лица, меѓу кои и двајца израелски полицајци кои починаа на пат кон болницата. Израелската полиција потоа нареди да се затвори комплексот Ал Акса, а Палестинците за првпат по окупацијата од 1967 година, петочната молитва ја извршија надвор од ѕидините на Стариот Град.