Dildar Baykan
21 Јули 2017•Ажурирај: 22 Јули 2017
КАРАКАС (АА) - Две лица го загубија животот во Венецуела, на протестите против планот на претседателот на државата, Николас Мадуро, за формирање конститутивно собрание за промена на уставот на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Јавното обвинителство се наведува дека 23-годишниот Андрес Узкатеги го загубил животот во демонстрациите во квартот Ла Изабелика, во колумбиската сојузна држава Карабобо, додека 24-годишниот Рони Елој Теера Солер во демонстрациите во квартот Лос Текес, во главниот град на земјата, Каракас.
Исто така, се истакнува дека е започната истрага за двата случаја.
Исаијас Медина, министерски советник во претставништвото на Венецуела во Обединетите нации (ОН), преку видео-снимка објавена на интернет соопшти дека дава отказ од својата функција. Медина во видео-снимката вели дека решил да даде отказ поради тоа што на систематски начин се врши тортура врз цивилите во земјата, се случува државен терор и претседателот на државата, Мадуро, го прекршува уставот.
Медина нагласи дека на него длабоко влијаеле последните случувања во земјата. Тој упати апел до Мадуро да даде отказ, и истакна: „Мадуро мора да ја напушти претседателската функција и да ги пренесе своите овластувања на новата влада, која ќе биде во можност да ја реализира новата политика во земјата. Владата на Мадуро е нелегална и спроведува диктаторската политика во Венецуела. Мадуро нема морално право да остане на функцијата“, рече Медина.
Од друга страна, постојаниот претставник на Венецуела во ОН, Рафаел Рамирез, истакна дека Медина кој реагираше преку социјалните мрежи, не е искрен, и тврди дека всушност тој бил разрешен од функцијата.
Претседателот на Венецуела, Мадуро, во изјава за државната телевизија „VTV“ (ВТВ), реагираше против генералниот штрајк што започна вчера во целата земја. Тој го окарактеризира штрајкот како саботажа против државната економија која поминува низ тешки денови.
Мадуро вели дека е упорен во намерата за промена на уставот и пренесе дека покрај генералниот штрајк, повеќе големи компании даваат целосна поддршка за процесот за промена на уставот.
Опозициските лидери се против планот на претседателот Мадуро за формирање конститутивно собрание за промена уставот, и повикаа на 24-часовен штрајк во земјата. По овој повик, вчера јавниот превоз во земјата беше целосно заглавен, а деловните места беа затворени.
Демонстрантите поставија барикади на голем број улици и истакнаа дека ќе продолжат со протестите сѐ додека Мадуро не биде отстранет од функцијата.
Мадуро претходно истакна дека единствениот начин земјата да излезе од економската и политичката криза е промена на уставот, и соопшти дека на 30 јули ќе се одржат избори за избирање на специјалните парламентарни претставници.
Околу 100 лица го загубија животот во демонстрациите против владата на Мадуро, коишто траат од април, 1.500 лица се повредени, а над 500 демонстранти се притворени. Немирите во Венецуела започаа на 31 март, кога Високиот суд, кој е под контрола на претседателот Николас Мадуро, соопшти дека ги одзема овластувањата на Националниот конгрес.
Администрацијата на Мадуро тврди дека опозицијата во соработка со екстемно десничарските радикалци и криминалните групи, го поттикнува насилството. Поради силните мерки против демонстрантите, опозицијата ја обвинува Владата за употреба на прекумерна сила.