Muhammed Emin Canik,Mohamed Majed
20 Септември 2024•Ажурирај: 20 Септември 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку деветмина Палестинци ги загубија животите во нападот на израелската армија врз куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите до кои дојде дописникот на АА од извори во болницата „Ал Авде“ во централниот дел на Појасот Газа, израелската армија бомбардирала куќа во бегалскиот камп Нусејрат.
Во израелскиот напад убиени се деветмина Палестинци, меѓу кои има жени и деца, а голем број луѓе се повредени.
Повредените и телата на загинатите се пренесени во болницата „Ал Авде“.
Официјалната палестинска агенција ВАФА објави дека голем број Палестинци се повредени кога беспилотно летало на израелската армија извршило ракетен напад врз група луѓе во населбата Зејтун во градот Газа.
Повредените се пренесени во Баптистичката болница „Ал Ахли“.
Во бомбардирањата и гранатирањата што Израел ги спроведува врз Појасот Газа од 7 октомври убиени се 41.272 Палестинци, од кои најмалку 16.795 деца и 11.378 жени. Во овие напади повредени се 95.551 лице.
Израел продолжува со своите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта и болници во Појасот Газа од 7 октомври, разорувајќи и уништувајќи ја инфраструктурата на палестинската енклавата и го принудува населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, што предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови.