Muhammet İkbal Arslan
01 Јули 2024•Ажурирај: 02 Јули 2024
ВАЛЕ (АА) - Најмалку четири лица загинаа, а уште едно се води како исчезнато во поплавите и лизгањето на земјиштето во јужните швајцарски кантони Вале и Тичино, предизвикани од обилните дождови и топењето на снегот, јавува Анадолу.
Полицијата во Тичино потврди дека три лица ги загубиле животите во свлечиште во долината Магија, а едно лице се води како исчезнато.
Во полициското соопштение се истакнува и дека е потопен мост во долината и дека неколку лица биле пренесени со хеликоптер од блискиот камп.
Полицијата во Вале извести дека телото на лице што претходно е пријавено за исчезнато било пронајдено во областа Саас-Грунд.
Двата кантона пријавиле штети на згради и возила поради тешките временски услови.
Претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, се огласи на платформата за социјални медиуми Х за да сподели најнови информации за ситуацијата, велејќи дека невремето предизвикало значителна штета во многу делови на Швајцарија.
„Моите мисли се со погодените. Ситуацијата останува напната. Ве молиме, внимавајте на себе и следете ги насоките на властите“, рече Амхерд.