Dildar Baykan
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Дилдар Бајкан - Над 519.000 аракански муслимани пребегаа од Мјанмар во соседниот Бангладеш од почетокот на новиот бран насилства на 25 август досега, јавува Anadolu Agency (AA).
Се претпоставува дека досега се убиени најмалку 3.000 цивили, а десетици илјади се обидуваат да најдат спас во Бангладеш.
На патот кон спасот многумина ги изгубија своите животи, пешачејќи низ кал, вода и низ подрачјата со лоши услови.
Во извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната помош (OCHА) се потврдува дека од крајот на август до денес, бројот на оние кои успеаја да стигнат до Бангладеш достигна 519.000.
Портпаролот на Меѓународната организација за миграции (IOМ) Џоел Милман, претходно изјави дека во араканскиот град Бутидаунг за премин во Кокс Базар во Бангладеш чекаат околу 100.000 аракански муслимани.
Од УНИЦЕФ и од Владата на Бангладеш се соопштува дека 60 отсто од оние кои пристигнале во земјата се деца. За време на нивниот обид да преминат од Аракан во Бангладеш преку реката Наф, често се случуваат несреќи со смртен исход. Податоците говорат дека од август во овие несреќи загинале над 100 аракански муслимани.
Оние кои решаваат да преминат преку планинските подрачја пешачат со денови, и во Бангладеш пристигнуваат болни и исцрпени.
Само во капмовите во Кокс Базар, според последните информации, се наоѓаат над 900.000 цивили од Аракан. Според податоците на здравствените работници, меѓу оние кои се наоѓаат во Бангладеш има 18.523 бремени жени и над 42.000 деца кои се соочуваат со сериозни здравствени проблеми.
Најголем проблем е недоволната исхрана на децата во камповите во коишто се сместени.
Војската на Мјанмар и будистите продолжуваат со палењето на муслиманските села на тоа подрачје. Во изминатите недели срушени и запалени се најмалку 200 села на араканските муслимани.
Министерот за надворешни работи на Бангладеш, Хасан Махмуд Али, потврди дека досега се убиени најмалку 3.000 аракански муслимани. Меѓутоа, властите на Мјанмар не дозволуваат пристап до тоа подрачје, така што нема точни податоци за бројот на мртви.
Не е дозволен ниту влезот на хуманитарната помош од невладините организации на тоа подрачје. Поради тоа, цивилите во оваа област се соочуваат со глад.
Араканските Рохинџа муслимани веќе со години се најранливато етничко малцинство во светот, кои со месеци се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.