Selçuk Acar
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Нередите на улиците поради коишто во Вирџинија вчера беше прогласена и вонредна состојба предизвикаа бран масовни протести во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Расистичките напади во Шарлотсвил беа повод за синоќешните масовни протести во Њујорк, Лос Анџелес, Денвер, Сиетл, Сан Франциско, Чикаго и во голем број други американски градови.
Демонстрантите ги осудија одговорните за нередите во Вирџинија, во прв ред расистичките групи неонацисти и Кју клукс клан (KKK), но ги осудија и настапите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој директно не ги осуди одговорните за нападите за време на паралелните протести на расистите и антирасистите во Вирџинија.

Протестите во Њујорк започнаа со комеморацијата во Бруклин, а потоа демонстрантите на плоштадот „Тајмс“ маршираа до Трамп тауер извикувајќи ги слоганите „Не за KKK, не за фашизмот во Америка, не за Трамп“.
Протестите во Њујорк се одржаа под зајакнати мерки на безбедност, а полицијата приведе најмалку три лица поради нарушување на јавниот ред.

Белите националисти во текот на викендот во Вирџинија организираа протести против планираното отстранување на кипот на генералот на војската на американската Конфедерација, Роберт Едвард Ли, губитичка страна во Американската граѓанска војна којашто траеше од 1861 до 1865 година. Во градот Шарлотсвил се одржаа и паралелни протести на антирасистите, а вчера дојде до нереди кога демонстрантите меѓусебно се судрија.
Американската полиција го идентификуваше 20-годишниот Џејмс Алекс Филдс Јуниор како напаѓачот кој со автомобил влета во масата демонстранти во Вирџинија и усмртни една жена, а повреди повеќе лица. Уште двајца полицајци загинаа во нередите поради коишто во Вирџинија е прогласена вонредна состојба.