Bahtiyar Abdülkerimov
04 Јули 2022•Ажурирај: 05 Јули 2022
ТАШКЕНТ (АА) - Најмалку 18 луѓе загинаа, а 243 се повредени во протестите во автономниот регион Каракалпакстан во Узбекистан на 1 и 2 јули, јавува Агенција Анаолија (АА).
Генералното обвинителство на Узбекистан соопшти дека протестите започнале во Нукус, главниот град на Каракалпакстан, поради предложените уставни промени кои би можеле да влијаат на автономниот статус на регионот.
Од Канцеларијата на обвинителот велат дека демонстрантите се обиделе да упаднат во владините згради.
Се додава дека околу 94 од повредените луѓе се хоспитализирани, а неколку од нив се во тешка здравствена состојба. Исто така 516 луѓе се приведени во врска со инцидентите.
Во саботата, Узбекистан објави вонредна состојба од еден месец во Каракалпакстан. Декретот беше потпишан од претседателот Шавкат Мирзијоев откако избија демонстрации во регионот.
Декретот го ограничува влезот и излезот од покраината и ги забранува сите јавни настани.
Мирзијоев исто така го посети главниот град на регионот во саботата и најави дека промените во врска со Каракалпакстан ќе останат непроменети.
„Неопходно е да се остават непроменети нацрт-нормите за правниот статус на Република Каракалпакстан“, рече тој, додавајќи дека „дефинитивно ќе изградиме нов Узбекистан и нов Каракалпакстан, заедно“.