Gözde Bayar
08 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел нема да дозволи формирање палестинска држава во рамките на својот план за анексија, порача израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според израелската телевизија „Канал 13“, Нетанјаху нагласил дека планот за анексија на Западниот Брег ќе се спроведе во рок од неколку недели.
„Планот за анексија нема да вклучи формирање на палестинска држава и Владата дефинитивно нема да го прифати тоа“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека процесот на мапирање во врска со анексијата сè уште не е завршен.
Се очекува Израел да анектира делови на окупираниот Западен Брег, според планот договорен помеѓу Нетанјаху и неговиот ривал кој се претвори во негов сојузник, Бени Ганц, шефот на партијата „Сино-бели“.
Планот за анексија доаѓа како дел од т.н. „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, што беше објавен на 28 јануари. Според договорот, Ерусалим (Кудс) се смета за „неделива престолнина на Израел“ и се признава израелскиот суверенитет над големи делови на Западниот Брег.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30-40 отсто од Западниот Брег, вклучително и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).