Sena Güler
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ДУХОК (АА) - Во северниот дел на Ирак синоќа дојде до вооружен судир меѓу локалната шиитска милиција Хашд ал Шааби и терористите на ПКК кои претставуваат сè поголема безбедносна закана во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Командантот на курдските сили Пешмерги, Касим Шешо, за АА изјави дека синоќешниот судир е показател на напнатите односи во подрачјето Синџар во мосулската покраина, што би можело да ескалира во поголеми судири меѓу терористите на ПКК и ирачката војска во чиј состав е и шиитската милиција.
„Тензиите се сè поприсутни“, изјави Шешо.
Очевидците велат дека до оружен судир во центарот на Синџар дошло кога шиитската милиција се обидела да ги растера насобраните поддржувачи на терористичкото движење ПКК во центарот на градот, а во тоа им се спротивставила група вооружени терористи.
Досега нема информации за настрадани лица, а двајца команданти на терористите на ПКК се уапсени.
Тоа е само една од димензиите на напнатите односи во Синџар. Имено, шиитската полиција Хашд ал Шааби побара Синџар итно да го напуштат и језидските единици кои дејствуваат во состав на Пешмергите, што официјалните безбедносни сили на Регионалната курдска управа во северниот дел на Ирак го одбија.
Во саботата гувернерот на подрачјето на Синџар, Махма Халил, соопшти дека на истоимената планина се ангажирани американските сили кои таму сакаат да воспостават воена база.
Терористичката организација ДЕАШ летото 2014 година го окупираше Синџар, планинскиот регион на границата меѓу Ирак и Сирија, и уби илјадници припадници на локалната језидска заедница. Таа безбедносна криза ја искористија терористите на ЈПГ/ПКК и го интензивираа своето присуство во тој регион.
Турција на почетокот од оваа година најави можна воена операција со цел неутрализација на терористите на ЈПГ/ПКК во Синџар, токму како што беше случај со турските операции на северозападниот дел на Сирија.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Планините Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат во северниот дел на Ирак, по должината на ирачко-турската граница. Станува збор за подрачје кое се смета за колевка на терористичкото движење ПКК.
Турските сили веќе трета година по ред спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, како и во северниот дел на Ирак и Сирија, каде што дејствуваат ПКК и нејзините ограноци ЈПГ и ПЈД.
Антитерористичките акции во пограничните региони на Ирак и Сирија се базирани на правата на Турција засновани на меѓународното право на самоодбрана и резолуциите на ОН кои се однесуваат на борбата против тероризмот. Акциите се спроведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со цел неутрализација на терористичките закани.