Ekipa
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
АМАН (АА) - Масовните протести низ Јордан продолжија и изминатата ноќ, седми ден откако Владата го усвои новиот даночен Закон, кој предвидува нови даноци на работничките примања, јавува Anadolu Agency (AA).
Централниот собир и синоќа се одржа во Аман, во близина на седиштето на Владата, но слични протести се одржаа и во други градови, вклучувајќи ги и Ирбид, Ер Ремсе и Ал Керак.
Протестите беа проследени со силно обезбедување, а демонстрантите побараа целосно укинување на новите даночни закони, како и мораториум на зголемувањето на цената на електричната енергија, горивото и други енергенти.
Јорданскиот премиер Хани ал Mулки во понеделникот поднесе оставка до кралот Абдула II, кој ја прифати оставката, назначувајќи го министерот за образование, Омар ал Разаз, за нов мандатар на новата влада во земјата.
Повод за протестот е одлуката на јорданската Влада да воведе дополнителни даноци за сите вработени чиј годишен приход го надминува прагот од 8.000 јордански динари (11.200 долари).
Планот за воведување дополнителен данок на платите ќе донесе нови 140 милиони долари во државната каса.