Enes Canlı
03 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ја отфрлија поврзаноста со оружјето произведено од Соединетите Американски Држави (САД) пронајдено во Гарјан, градот кој силите на Халифа Хафтар го загубија неодамна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Откако Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат побара од администрацијата на Вашингтон да го испита случајот со американското оружје што се појави во Либија, Министерството за надворешни работи на ОАЕ даде писмено соопштение, во коешто ја негираше поврзаноста со тоа оружје.
„Емиратите строго негираат дека се сопственици на оружјето што се појави во Либија, и посветени сме на целосна соработка со експертите на Обединетите нации (ОН)“, се истакнува во соопштението.
ОАЕ, упатувајќи повик до сите страни за намалување на тензиите, побараа да се приклучат кон политичкото решение под раководство на ОН.
- Отпечатоци на ОАЕ во Либија -
Силите на Халифа Хафтар во Либија, поддржани од Обединетите Арапски Емирати, минатата недела го загубија критичниот град Гарјан, во операцијата што ја започнаа за освојување на главниот град Триполи.
Меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија во градот Гарјан заплени големо количество американско оружје и муниција во магацините на силите на Халифа Хафтар и сподели фотографии од проектилите од американско потекло, што се употребуваат од страна на силите на Хафтар.
Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат потоа побара од администрацијата на Вашингтон да го испита американското оружје што се појави во рацете на Халифа Хафтар, во Либија. Претходно тоа оружје било продадено на ОАЕ.
Еден од портпаролите на Стејт департментот, истакнувајќи дека истражуваат за оружјето од американско потекло, кое се наоѓа во Либија, нагласи: „Сериозно го разгледуваме проблемот со злоупотребата на американската одбранбена опрема. Свесни сме за информациите по тоа прашање и се обидуваме да собереме дополнителни информации“.