Fuat Kabakcı
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ПЕКИНГ - Во кинескиот град Вухан, во кој се појави новиот тип на коронавирусот (2019-nVoC), што потоа премина во епидемија, досега животот го загубија 80 лица, а бројот на заразени се зголеми на 2.744, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението што го објави Комисијата за национално здравство на Кина, коронавирусот е раширен во секоја покраина и автономна покраина, освен во автономната покраина Тибет. Досега се забележани 80 смртни случаи, а меѓу заразените 2.744 лица, 461 се наоѓаат во тешка состојба.
Освен тоа, во Хонгконг се забележани 8 случаи на коронавирусот, 5 во Макао и 4 случаи во Тајван.
Бројот на лица за кои постои сомневање дека се заразени од вирусот изнесува 5.794, додека бројот на лица кои се под набљудување поради контактот со заразените лица изнесува 30.453.
Досега 51 лице што биле погодени од заразата се заздравени и пуштени од болница.
Поради заразата во провинцијата Хубеи животот го загубија 76 лица, додека по еден смртен случај има во Хинан, Шангај, Хибеј и Хејлунгџианг.
Според бројот на заразени од епидемијата на коронавирусот, на прво место е кинеската провинција Хубеи со 1.423 случаи, по што следуваат главниот град Пекинг со 68 и Шангај со 53 случаи.
Од друга страна, на состанокот на Државниот совет собран под претседателство на премиерот на Кина, Ли Кеќанг, донесена е одлука Пролетниот празник кој завршува на 31 јануари да биде продолжен до 3 февруари, додавајќи дека ќе бидат направени приспособувања за продолжување на училишниот полугодишен распуст.
На состанокот е упатен повик за преземање мерки за да се намали движењето на луѓето низ земјата, посочувајќи дека е потребно преземање чекори, како што е поддржување на работните модели преку интернет.
- Се заоструваат превентивните мерки за епидемијата -
По откривањето на коронавирусот во градот Вухан, кој се наоѓа во кинеската провинција Хубеи, во некои градови на оваа провинција допрени се услугите на јавниот превоз. Во провинциите Гуангдонг и Џиангши, во кои живеат 150 милиони луѓе, задолжително е носењето маска.
Во градовите Пекинг, Шангај, Тјенцин и Шијан забранет е влезот и излезот за автобусите што се движат на долги дестинации.
- Недостаток на медицински материјали во провинцијата Хубеи -
Гувернерот на Хубеи, Ванг Шиаодонг, одржа прес-конференција во врска со епидемијата што ја зафати оваа кинеска провинција, изјавувајќи дека се чувствува многу тажен и одговорен поради моменталната состојба.
Гувернерот Ванг, истакнувајќи дека состојбата во провинцијата е многу сериозна, наведе дека се потребни медицински материјали.
Вчера во Кина беше соопштено дека е започнато со изнаоѓање на вакцина против коронавирусот што е причина за епидемијата, но Комисијата за национално здравство објави дека експертите не успеале во потполност да го идентификуваат вирусот ниту брзината на неговото ширење, додавајќи дека епидемијата ќе потрае уште извесен период.
Во Кина каде што последните денови епидемијата зафаќа сериозни размери и е забележан раст на смртните случаи, сѐ уште нема вакцина или лек против вирусот. Се претпоставува дека епидемијата започнала од пазарот за морски производи „Хуанан“ во градот Вухан, што во моментов е затворен.
Новиот тип на коронавирусот за првпат е забележан на 12 декемри во кинескиот град Вухан. Општинската комисија за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морски производи „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“.