АНКАРА
Од новиот тип на коронавирусот (2019-nCoV), што се појави во кинескиот град Вухан во покраината Хубеи, кој беше именуван како „мистериозна болест“, бидејќи во почетокот не се знаеше причината за болеста, до денес се заразени повеќе од 14.500 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На територијата на Кина, досега, како последица од заразеност од овој вирус животот го загубија 304 лица, а 14.380 лица се идентификувани како носители на коронавирусот. Новиот тип на овој вирус се нарекува и „Вухан вирус“, по градот во кој за првпат е забележан.
Новиот вид коронавирус се пренесува преку воздухот при дишење, кивање и кашлање, а први знаци на заразеност се висока температура, болки во грлото, останување без здив, отежнато дишење и дијареја.
Во натамошните фази вирусот предизвикува пневмонија и откажување на бубрезите, што може да резултира со смрт.
- Вирусот е регистриран во над 25 земји и региони
Надвор од териториите на Кина, носители на вирусот се забележани во специјалните административни региони Хонгконг и Макао и во Тајван, а властите на Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур, Виетнам, Малезија, Шри Ланка, Камбоџа, Непал, Индија и Филипини потврдија дека во овие земји има луѓе кои се носители на коронавирусот.
Новиот тип на коронавирус преку луѓето коишто патувале во Кина се пренесе и во Шпанија, Финска, Русија, Канада, САД, Франција, Италија, Велика Британија, Германија, Шведска, Австралија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Првиот смртен случај надвор од територијата на Кина е забележан на Филипини. Властите од оваа земја информираа дека животот го загубил кинески државјанин на 44-годишна возраст кој минатата недела во главниот град Манила заминал на лекар каде што се пожалил на кашлица и болки во грлото. По извршените прегледи утврдено е дека лицето било носител на коронавирусот.
Листата на региони и земји од светот според бројот на заразени лица изгледа вака:
Во Специјалниот административен регион Хонгконг изнесува 14, во Специјалниот административен регион Макао 7, Тајван 10, Тајланд 19, Сингапур 16, Јапонија 20, Австралија 9, Малезија 8, Јужна Кореја 15, Германија 8, САД 8, Франција 6, Виетнам 6, ОАЕ 4, Канада, Италија 2, Русија 2, Велика Британија 2, Индија 2, и по еден носител на вирусот во Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Филипини, Финска, Шведска и Шпанија.
- Голем број авиокомпании ги откажаа летовите кон Кина
Поради вирусот што се појави во декември и се пренесе во другите делови од светот преку луѓето кои за Нова година ја посетија Кина, голем број авиокомпании од Азиско-Пацифичкиот Регион, од Европа, Блискиот Исток и Африка привремено ги запреа летовите кон Кина.
Канадската авиокомпанија „Ер Канада“, американските авиокомпании „Делта“ и „Американ ерлајнс“ и руската авиокомпанија „Урал“ објавија дека поради епидемијата од коронавирусот ги запреле своите летови кон четири града во Кина.
„Туркиш ерлајнс“ (THY) објави дека до 9 февруари се запрени летовите кон Пекинг, Шангај, Гуангџоу и Шијан.
- Голем број земји од светот ги евакуираат своите граѓани кои престојуваат во Вухан
САД, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Сингапур, Индија, Бангладеш, Шри Ланка, Малезија, Индонезија, од кинескиот град Вухан во кој се појави коронавирусот со специјални летови ги евакуираа своите државјани, а Турција со карго-авионот од типот A400M кој им припаѓа на Турските вооружени сили, од овој град евакуира 42 лица, од кои 32 се турски државјани и синоќа ги донесе во Турција.
Голем број европски земји како што се Велика Британија, Италија, Шпанија, Франција, Португалија, Хрватска, Унгарија, поради епидемијата започнаа активности за евакуирање на нивните државјани што се наоѓаат во кинескиот град Вухан. Европејците коишто се наоѓаа во градот Вухан вчера со два одделни авиони пристигнаа во Франција и Велика Британија. Авионот кој ги евакуираше германските државјани синоќа слета во Германија.
Авион на Јорданскиот кралски ерлајнс, по избувнувањето на епидемијата на коронавирусот полета за Вухан од каде што евакуира 71 студент кои се државјани на Јордан, Палестина, Либан, Тунис, Бахраин и Оман и го донесе во Аман, главниот град на Кордан.
Додека голем број држави како што се САД, Јапонија, Индонезија, Индија, Казахстан, Велика Британија, Канада, Австралија, Финска, Нов Зеланд и Турција ги предупредуваат своите граѓани за патувањето во Кина поради епидемијата, голем број земји на своите граѓани им советуваат да ги избегнуваат патувањата во кинеската покраина Хубеи.
Од друга страна, САД, Филипини, Ел Салвадор, Австралија и Сингапур, поради епидемијата на коронавирусот, донесоа забрана за патување во овие земји за странските државјани кои во последните денови ја посетиле Кина, додавајќи дека на странските државјани привремено нема да им биде дозволен влез во овие земји.
- Некои соседи на Кина ги затворија своите копнени граници
Русија, која е една од земјите која има копнени граници со Кина, поради епидемијата на коронавирусот донесе одлука за затворање на своте граници и воведе ограничување за издавање визи на кинеските граѓани.
Монголија објави дека ги затвора границите кон Кина.
Казахстан донесе одлука со која ја запира работата во делот што се наоѓа во нејзините граници во слободната економска зона Хоргош на границата со Кина. Во исто време запрена е и 72-часовната транзитна виза за кинеските државјани кои патуваат низ Казахстан.
Киргистан, со цел преземање превентивни мерки против епидемијата на коронавирусот, ги затвори своите копнени граници кон Кина и ги откажа сите авионски летови.
Пакистан, поради опасноста од епидемијата го одложи за април отворањето на единствената граница со Кина.
Од друга страна, додека кинескиот Специјален административен регион Хонгконг го суспендира копнениот и железничкиот сообраќај со Кина, Тајван, поради новиот тип коронавирус, освен за службени патувања и некои исклучителни ситуации, го забрани влезот на островот од Кина.
- Светската здравствена организација прогласи „меѓународна вонредна здравствена состојба“
Комисијата за вонредни состојби на Светската здравствена организација (СЗО), на состанокот што се одржа на 30 јануари, прогласи „меѓународна вонредна здравствена состојба“, поради новиот тип на коронавирусот што се појави во Кина.
Светската здравствена организација завчера упати предупредување во кое се вели дека затворањето на границите кон Кина поради епидемијата предизвикана од новиот тип на коронавирусот ќе ги натера луѓето да изнаоѓаат илегални патишта за влегување во оваа земја, што би предизвикало уште поголемо распространување на епидемијата.
- Новиот вид на коронавирусот
Новиот вид на коронавирусот за првпат е регистриран во кинескиот град Вухан на 12 декември 2019 година.
Во борбата против болеста предизвикана од овој вирус, од кој во Кина секојдневно расте бројот на починати и прераснува во сериозна епидемија, засега нема ниту вакцина ниту каков било друг лек. Се претпоставува дека епидемијата започнала на пазарот за морски производи „Хуанан“ во градот Вухан, кој во моментов е затворен.
Во научните истражувања што се спроведуваат во Кина поврзани со новиот тип на коронавирус е откриено дека генезата на вирусот потекнува од кинеските видови лилјаци и змии. Сè додека не заврши епидемијата, во Кина е воведена забрана за трговијата со диви животни.
Поради брзото распространување на вирусот од Вухан во другите кинески градови и покраини, од 22 јануари прекинат е јавниот превоз во 17 помали и поголеми градови во покраината Хубеи.
Администрацијата на Пекинг инфорира дека во рамките на борбата против епидемијата се преземени различни мерки, соопштувајќи дека е донесена одлука за забрана на влез во градот Вухан, а излезот ќе биде дозволен само во многу исклучителни ситуации.
news_share_descriptionsubscription_contact
