Ekipa
11 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
ЈАНГОН (АА) - Судот во Мјанмар ја отфрли жалбата на двајцата новинари на „Ројтерс“ коишто минатата година беа осудени на 7 години затвор поради кршење на Законот за службени тајни, бидејќи го истражувале убиството на десетина припадници на загрозеното муслиманско малцинство во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Судијата Аунг Наинг изјави дека адвокатите на Ва Лоне и Кјав Сое Оо не доставиле доволно докази со кои би ја потврдиле нивната невиност. Новинарите се осудени за поседување тајни владини документи. Уапсени се на 12 декември 2017 година во главниот град Јангон.
Судот во Мјанмар во септември минатата година осуди двајца новинари од агенцијата „Ројтерс“ на затворска казна во траење од 7 години, поради истрагата што ја водеа во врска со убиствата на Рохинџа муслиманите извршени од страна на припадниците на мјанмарските сили за безбедност во Аракан.
Ва Лоне (32) и Кјав Сое Оо (28) се осудени поради прекршување на Законот за службени тајни, бидејќи го истражувале убиството на десетина припадници на загрозеното муслиманско малцинство во Аракан.
Судијата во Јангон, Је Лвин, тогаш изјави дека новинарите се осудени бидејќи се виновни за собирање тајни државни документи и можен трансфер на тие документи на групи кои се борат против Владата на Мјанмар.
Новинарот Ва Лоне по пресудата во септември минатата година изјави дека таа е неправедна, бидејќи како новинари ја извршувале својата работа и го истражувале незаконското убивање цивили.
„Не сторивме ништо погрешно и не се плашиме. Сѐ уште веруваме во демократијата и слободата на говорот. Ќе се бориме за правдата“, изјави тогаш Ва Лоне.