Kasım İleri
08 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешната шефица на американската дипломатија, Меделин Олбрајт, остро ги критикуваше изјавите и политиката на претседателот Доналд Трамп во врска со Севрноатлантскиот сојуз (НАТО) и Европската Унија (ЕУ), пренесува Anadolu Agency (AA).
Олбрајт за телевизијата „Си-ен-ен“ (CNN) кажа дека смета оти и Трамп чувствува дека е сличен на рускиот претседател Владимир Путин.
Во своето прво гостување по подолг период, Олбрајт предупреди дека Русија многу работи на тоа да ја поткопа американската демократија и да го оддалечи Вашингтон од неговите сојузници.
„Сметам дека Трамп по многу нешта е своевиден дар за Путин кога станува збор за неговите истапувања кон НАТО и Европа“, рече Олбрајт.
Шефицата на Стејт департментот од мандатот на поранешниот американски претседател Бил Клинтон рече дека механизмот за носење одлуки во Соединетите Американски Држави (САД) моментално не функционира.
Актуелниот американски претседател е цел на сè поголеми критики во САД поради умерениот однос кон Путин и Русија, и критичкиот однос кон НАТО и Европа, кои се традиционални американски сојузници.