Bayram Altuğ
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека во рамки на руско-украинската војна, во Украина загинаа 780 цивили, повредени се 1.252 цивили, додека 3.169.897 мигранти преминаа во соседните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
УНХЦР преку соопштение објави податоци добиени од различни извори во врска со мигрантската криза во Украина.
Според тоа, од 24 февруари до 16 март, 3.169.897 мигранти од Украина преминаа во соседните земји, од кои повеќе од половина, 1.916.445, преминаа во Полска.
По Полска следуваат Романија (491.409 мигранти) и Молдавија (350.886 мигранти).
Во соопштението се вели дека од 18 до 23 февруари, од Доњецк и Луганск во Русија преминале 50.000 лица.
Познато е дека стотици илјади мигранти кои од Украина преминале во соседните земји, потоа преминале во други европски земји.
Според Високиот комесаријат за човекови права на ОН, во рамки на руско-украинската војна, од 24 февруари до 16 март загинале најмалку 780 цивили, додека 1.252 цивили се повредени.
Во соопштението се вели дека бројот на загинати и повредени цивили можно е да биде многу повисок од соопштеното.
Инаку, ОН ги објавуваат само бројките на цивилни загуби кои се потврдени, додека според украинските власти, загинале илјадници цивили.